ПРВ.мк
Балкан

Хаос во Тирана: Молотови коктели, солзавец и 13 повредени во жестоки судири меѓу полицијата и демонстрантите (ФОТО)

Хаос во Тирана: Молотови коктели, солзавец и 13 повредени во жестоки судири меѓу полицијата и демонстрантите (ФОТО)

Насилни протести ја потресоа албанската престолнина Тирана, каде што најмалку 13 лица се повредени во повеќечасовните судири меѓу демонстрантите и полицијата.

Протестот, кој трае веќе дванаесет дена, започнал пред Министерството за образование, но набрзо прераснал во насилни инциденти низ центарот на градот.

Дел од демонстрантите фрлале камења, пиротехнички средства и молотови коктели, при што бил предизвикан пожар пред Министерството за животна средина. Оштетени биле и излози и контејнери, додека полицијата интервенирала со солзавец, водени топови и гумени куршуми.

Според објавените информации, меѓу повредените има осум демонстранти, тројца полицајци и двајца новинари. Повеќето од нив по укажаната медицинска помош биле пуштени на домашно лекување.

Здружението на новинарите на Албанија побарало истрага за инцидентот во кој новинарот на „Њуз24“, Клевин Мука, бил изложен на полициски солзавец.

Демонстрантите бараат оставка од премиерот Еди Рама, формирање техничка влада и изборни реформи. Рама, пак, ја отфрла можноста за оставка и повикува на дијалог.

Полицијата ги повикала мирните демонстранти да се дистанцираат од насилните групи, додека организаторите најавиле нов масовен протест пред Министерството за образование.

Најнови вести