Потресна сцена од шпанската енклава Сеута го привлече вниманието на јавноста, откако 12-годишно дете во солзи молело шпански војник да не го врати во Мароко.
Според странските медиуми, момчето било без придружба на родители и при спроведувањето кон граничниот премин постојано го преколнувало војникот со зборовите: „Те молам, ќе ти ја бакнам главата, само не ме враќај назад“.
По интервенцијата, детето било предадено на Шпанската цивилна гарда, бидејќи според шпанските закони, малолетниците без придружба треба да бидат згрижени и ставени под заштита на надлежните институции.
Хуманитарната состојба во Сеута останува сериозна. Според проценките, околу 1.000 малолетници сè уште се наоѓаат во енклавата без родителска грижа.
Дополнително, 17-годишно девојче за „Асошиејтед прес“ раскажало дека го видело својот осумгодишен брат како се дави при обидот да ја премине границата. Таа сведочи дека била разделена од мајка си и оттогаш преживува просејќи по улиците на Сеута.
Шпанските власти соопштија дека во текот на минатата недела околу 72.000 мигранти ја преминале границата кон Сеута, од кои приближно 70.000 веќе биле вратени во Мароко. Според официјалните податоци, најмалку 75 лица загинале при обидот да стигнат до шпанската територија, додека мароканските власти пријавиле уште 11 жртви кои не се вклучени во шпанскиот биланс.
ПОГЛЕДНЕТЕ ГО ВИДЕОТО ТУКА









