Русија најави амбициозни планови за Северниот морски пат во следните пет години. Според министерот за Далечниот Исток и Арктикот, Алексеј Чекунков, се предвидува изградба на 4 мразокршачи на нуклеарен погон, 6 нови морски терминали и 42 спасувачки бродови, со цел да се зголеми транспортот на товар до 150 милиони тони до 2030 година.
Покрај бродовите и инфраструктурата, Москва ќе изгради 3 центри за спасување и ќе лансира 7 сателити за поддршка на новата арктичка стратегија. „Росатом“ веќе располага со 8 мразокршачи на нуклеарен погон, а новите планирани бродови ќе ја зајакнат присутноста и транспортните капацитети во регионот.
Северниот морски пат, долг 5.600 километри, ги поврзува северните пристаништа на Русија со реките во Сибир и е клучен коридор за транспортот на ЛНГ и други стоки, особено во зимските месеци кога мразот обично ја блокира пловидбата.
Со овие мерки, Русија се надева да го трансформира Арктикот во стратешки транспортен коридор и да ја зголеми геополитичката и економската контрола врз регионот.















