Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху жестоко ги критикуваше британскиот премиер Кир Стармер, францускиот претседател Емануел Макрон и канадскиот премиер Марк Карни, обвинувајќи ги дека „виртуелно поддржуваат Хамас и сакаат тој да остане на власт“.
Нетанјаху ги нарече „прикриени поддржувачи на масовни убијци, силувачи, убијци на бебиња и киднапери“, пренесува Би-Би-Си.
Поврзано со нападот врз израелската амбасада во Вашингтон, при што беа убиени двајца службеници, тој истакна дека некои од најблиските сојузници на Израел всушност сакаат земјата да се откаже и да дозволи „армијата на масовни убијци на Хамас да преживее“.
Иако Велика Британија, Франција и Канада го осудија нападот во Вашингтон и јасно ја изразија поддршката за Израел по терористичките напади на Хамас пред 19 месеци, овие земји неодамна ги критикуваа израелските воени операции во Газа, нарекувајќи ги „несразмерни“ и предупредувајќи за „неподнослива“ хуманитарна ситуација. Тие најавија дека ќе преземат конкретни мерки доколку Израел не го сопре воениот одговор.
Во видео обраќање, Нетанјаху истакна дека Хамас има цел да го уништи Израел и еврејскиот народ и ги оцени критиките од страна на Франција, Велика Британија и Канада како поздрав од палестинската терористичка организација.
„Не можев да разберам како оваа едноставна вистина им бега на лидерите на Франција, Велика Британија, Канада и други,“ нагласи Нетанјаху. „Вие сте на погрешната страна на човештвото и на историјата.“
Од друга страна, британскиот премиер Кир Стармер во вторникот изјави дека тој заедно со Макрон и Карни се „ужаснати“ од воената ескалација во Газа и повтори повици за прекин на огнот.
„Сакам да кажам дека сме ужаснати од ескалацијата од Израел“, рече Стармер пред парламентот, истакнувајќи ја заедничката изјава со францускиот и канадскиот лидер.
Тројцата лидери го повикаа на прекин на огнот како единствен начин за ослободување на заложниците, го осудија проширувањето на израелските населби на Западниот Брег и побараа зголемување на хуманитарната помош за Газа.