Попладнево Белград беше погоден од силно невреме проследено со обилен дожд и локален град, предизвикувајќи сериозни проблеми во сообраќајот и инфраструктурата. На повеќе локации низ градот, улиците беа поплавени, а автопатот привремено беше непрооден поради големи количини вода.
На подрачјето на Авала е забележан град со големина на лешник, додека сообраќајот во централните делови на градот е речиси парализиран. Голем број автомобили и автобуси на јавниот превоз останаа заглавени, а забележани се и блокирани возила на Итната медицинска помош и полицијата.
Големи колони возила се формираа во правец кон Нов Белград и преку Бранков мост кон центарот. Невремето зафати и неколку населени места во околината на Белград, предизвикувајќи дополнителни потешкотии.
Републичкиот хидрометеоролошки завод (РХМЗ) на Србија околу 15 часот издаде вонредно предупредување и го активираше системот за итни СМС известувања до граѓаните. Во предупредувањето се наведува дека се очекуваат силен дожд, град и пориви на ветер, а невремето се движи кон јужните и југоисточните делови на државата.
Надлежните апелираат до граѓаните да бидат крајно внимателни и да избегнуваат непотребно излегување од домовите додека трае непогодата.