Израелскиот министер за финансии и познат десничар, Безалел Смотрих, објави дека земјата конечно ќе го активира контроверзниот план за изградба на населби во делот Е1 на Западниот Брег, со што практично би се пресекла врската меѓу Источен Ерусалим и останатиот дел од територијата на Палестинците. Овој потег, според експертите, ја доведува до колапс целата идеја за независна палестинска држава.
Палестинските власти, меѓународни сојузници и активисти веднаш го осудија потегот, нарекувајќи го нелегален и предупредувајќи дека со фрагментацијата на територијата се урива секоја надеж за мир во регионот.
Шефицата за надворешна политика на Европската Унија, Каја Калас, остро реагираше, велејќи дека планот е во спротивност со меѓународното право и дека директно го поткопува решението за две држави.
„ЕУ го повторува својот повик до Израел – стоп за изградбата на населби,“ – изјави Калас.
Смотрих тврди дека планот е поддржан од премиерот Бенјамин Нетанјаху и поранешниот американски претседател Доналд Трамп, иако за тоа нема официјална потврда.
„Ние ќе одговориме не со зборови, туку со факти – факти на терен. Куќи, населби – тоа е нашиот одговор на секој обид да се признае палестинска држава,“ изјави Смотрих.
Портпаролот на Стејт департментот на САД изјави дека стабилен Западен Брег е клучен за безбедноста на Израел и повтори дека фокусот на администрацијата останува на прекинување на војната во Газа.
Во исто време, Обединетите нации го повикаа Израел да се повлече од планот, потенцирајќи дека тој претставува сериозна пречка за мировен процес и е во спротивност со меѓународното право.
„Овој чекор ќе стави крај на решението со две држави,“ предупреди портпаролот на ОН, Стефан Дујарик.
Проектот за Е1 населбата беше претходно двапати стопиран – во 2012 и во 2020 година – под меѓународен притисок, особено од САД и ЕУ. Сега, со неговото повторно активирање, Израел ризикува уште поголема изолација, особено откако некои западни земји почнаа да размислуваат за официјално признавање на палестинска држава.
Палестинците изразуваат страв дека изградбата на нови населби – која драстично се зголеми по нападот на Хамас во 2023 – ќе ја уништи секоја шанса за создавање независна држава.
Во новата фаза од проектот, Смотрих најавил изградба на 3.401 куќа за израелски доселеници, кои ќе поврзат постоечки населби со Ерусалим.
Портпаролот на палестинскиот претседател, Набил Абу Рудеине, побара од САД веднаш да притиснат врз Израел за да ја сопрат изградбата, предупредувајќи на долгорочни последици за мирот во регионот.