ПРВ.мк
Свет

Изеле бесплатен училиштен оброк, па почнал хаос: Околу 2.000 ученици и наставници со симптоми на труење

Изеле бесплатен училиштен оброк, па почнал хаос: Околу 2.000 ученици и наставници со симптоми на труење

Околу 2.000 ученици и наставници во Индонезија за само три дена добиле симптоми на труење со храна по консумирање оброци обезбедени преку владиниот програм за бесплатна исхрана.

Еден од најголемите инциденти бил регистриран во средно училиште во Ласем, во Централна Јава, каде се разболеле 752 ученици и 25 наставници. Според директорката на училиштето, голем број од нив добиле дијареја, поради што 40-те училишни тоалети во еден момент не биле доволни.

По инцидентот, речиси 1.200 ученици и 95 вработени биле испратени дома, а дел од заболените биле пренесени во болница. Најавено е дека трошоците за лекувањето ќе бидат покриени од државата.

Само еден ден претходно, во интернат во Сидоарјо, Источна Јава, биле регистрирани уште 730 заболени по консумирање храна од истиот владин програм. Пријавени биле вртоглавица, мачнина и дигестивни проблеми, а дел од учениците морале да бидат хоспитализирани.

Слични случаи биле пријавени и во други делови од Индонезија.

Точната причина сè уште не е утврдена. Надлежните започнале истраги, а примероци од храната биле испратени на лабораториски анализи за да се утврди дали и како дошло до контаминација.

Родители и наставници, сепак, за медиумите тврделе дека дел од оброците содржеле пилешко кое изгледало недоволно термички обработено, било слузаво или имало непријатен мирис. Овие наводи допрва треба да бидат потврдени со резултатите од анализите.

Случаите предизвикаа дополнителен притисок врз владината програма „Makan Bergizi Gratis“, чија цел е да обезбеди бесплатни хранливи оброци за учениците низ земјата. Од Националната агенција за исхрана порачаа дека, доколку истрагата утврди немар или кривична одговорност, одговорните ќе мора да сносат последици.