Австралија е на чекор до историски успех – да стане една од првите земји во светот што ќе го елиминира ракот на грлото на матката како јавно-здравствен проблем.
Оваа болест длабоко го променила животот на Криси Волтерс од Тувумба, која шест месеци по раѓањето на своето прво дете дознала дека има напреднат рак на грлото на матката. По години тешки терапии, болеста се проширила, а лекарите ѝ соопштиле дека состојбата е терминална.
Додека нејзината ќерка денес прима вакцина против ХПВ, Австралија покажува колку превенцијата може да биде моќна. Земјата уште во 2007 година воведе национална програма за вакцинација против хуманиот папилома вирус, кој е главен причинител на ова заболување.
Програмата подоцна беше проширена и на момчиња, со што дополнително се намали ширењето на вирусот. Денес повеќе од 80 проценти од девојчињата под 15 години ја примаат вакцината.
Австралија има и напреден систем за рано откривање. Наместо класичниот ПАП-тест, од 2017 година се користи почувствителен ХПВ тест, а жените можат и самостојно да земат примерок.
Според проценките, Австралија би можела да го елиминира ракот на грлото на матката до 2035 година, а можеби и порано.








