Ирански ракети го погодиле „Рас Лафан“, најголемиот енергетски центар во Катар, соопшти државната компанија „QatarEnergy“, додавајќи дека на терен веднаш биле испратени екипи за итна интервенција поради големата материјална штета. Компанијата наведе дека сите вработени се безбедни и дека засега нема информации за повредени.
Катарските власти остро го осудија нападот, оценувајќи го како директна закана за националната безбедност и за стабилноста на целиот регион. Во пораката од Министерството за надворешни работи се наведува дека Доха го задржува правото да одговори и да преземе мерки за заштита на својот суверенитет и граѓаните.
Нападот доаѓа во момент на сериозна регионална ескалација, откако претходно Иран издаде предупредување дека повеќе енергетски објекти во Заливот може да бидат цел. „Рас Лафан“ е еден од најважните гасни центри во светот, па секој удар врз него веднаш предизвикува силна реакција и на енергетските пазари.
Овој развој дополнително ја зголемува загриженоста дека конфликтот веќе не се задржува само на воен план, туку директно удира и врз глобалната енергетска безбедност.
















