ПРВ.мк
Свет

Иран на раб на колапс: Над 50 загинати, режимот зборува за „крвава одмазда“, интернетот исклучен

Иран на раб на колапс: Над 50 загинати, режимот зборува за „крвава одмазда“, интернетот исклучен
Kristal

Иран се соочува со една од најтешките кризи во последните децении, откако масовните протести што избувнаа кон крајот на декември прераснаа во жестоки судири со безбедносните сили. Според податоци на меѓународни организации за човекови права, во немирите досега загинале повеќе од 50 лица, меѓу кои и деца, додека десетици се повредени.

Протестите започнаа поради наглото слабеење на иранскиот риал и драматичната економска состојба, но брзо добија политичка димензија. Демонстрантите јавно извикуваат пароли против врховниот лидер Али Хамнеи, обвинувајќи го за сиромаштијата и корупцијата, а дел од нив повикуваат на промена на режимот и враќање на Реза Пахлави.

Властите реагираа со целосно или делумно исклучување на интернетот, официјално поради „безбедносни причини“. Последиците се сериозни – банкомати не функционираат, картичките се неупотребливи, а во некои градови граѓаните панично купуваат храна и основни намирници.

Иранската влада ги обвини Соединетите Американски Држави и Израел дека стојат зад, како што велат, „координиран обид за обоена револуција“. Обвинителството во Техеран најави строги казни, вклучително и смртна казна, за оние што ќе бидат обвинети за напади врз државни институции.

Во меѓувреме, Корпусот на Исламската револуционерна гарда испрати остро предупредување, најавувајќи „крвава одмазда“ за, како што ги нарекоа, „терористичките акции“ за време на протестите. Тензиите не стивнуваат, а стравот од уште поголем број жртви расте од ден во ден.

FixCredit
Escape