Иран подготвува нов закон со кој значително би се заострила контролата врз Ормутскиот теснец, еден од најважните светски поморски коридори за транспорт на нафта.
Според изјави од ирански воени претставници, бродовите од земји кои ги поддржуваат американските санкции против Техеран би можеле да се соочат со сериозни ограничувања при преминување низ теснецот.
Иранските власти веќе работат на законско решение кое ќе овозможи забрана за влез на пловила од, како што ги нарекуваат, „непријателски држави“. Потегот се толкува како директен одговор на економскиот и политичкиот притисок од САД.
Во меѓувреме, дополнителна загриженост предизвика и инцидент во близина на Доха, каде трговски брод бил погоден од проектил. На пловилото избувнал пожар, но за среќа немало жртви, а огнот бил навреме изгаснат.
Меѓународните служби и локалните власти веќе спроведуваат истрага за да се утврди од каде бил истрелан проектилот и дали инцидентот е поврзан со растечките тензии во регионот.









