Нов голем шумски пожар избувна западно од Атина, предизвикувајќи сериозна тревога кај властите и жителите. Густи облаци од чад се издигнаа над предградието Дасос и беа видливи дури и во централните делови на грчката престолнина.
Од безбедносни причини, Цивилната заштита нареди превентивна евакуација на населението кон предградието Перистери. Надлежните предупредуваат дека чадот претставува сериозен ризик, особено за децата, повозрасните лица и хронично болните.
Според информациите од грчките власти, огнот се шири на фронт долг неколку километри. Локалните медиуми јавуваат дека во областите Агиос Василиос и Порто Гермено стотици луѓе биле евакуирани со чамци, откако пламенот ги отсекол копнените патишта.
На терен се ангажирани бројни пожарникари, како и противпожарни хеликоптери, кои се обидуваат да го спречат ширењето на огнената стихија кон густо населените делови.
Во исто време, уште еден голем пожар беснее на полуостровот Пелопонез, во близина на Порто Хели, каде што се евакуирани повеќе села.
Гаснењето дополнително го отежнуваат силните ветрови, поради кои противпожарните авиони и хеликоптери можат да интервенираат само ограничено.
На островот Крит ситуацијата е значително подобрена, но властите предупредуваат дека опасноста сè уште не е завршена, бидејќи засилениот ветер може повторно да ги разгори пожарите.
Видео:







