Несекојдневен инцидент во Бразил предизвика бурни реакции откако градоначалник при ненајавена контрола во болница затекнал лекар и лекарка во заклучена просторија наменета за одмор, додека пациенти чекале медицинска помош.
Инцидентот се случил на 4 ноември во градската болница „Жаилтон Месијас де Албукерке“, во бразилскиот град Бареирос.
Градоначалникот Карлињос да Педреира пристигнал во болницата со своите соработници по поплаки од граѓани за долгото чекање на лекарски преглед.
Според неговите тврдења, таа вечер требало да дежураат тројца лекари, но само еден примал пациенти.
При проверката, градоначалникот открил дека преостанатите двајца лекари се наоѓаат во заклучена соба за одмор.
На видеоснимката што се прошири на социјалните мрежи се гледа како градоначалникот тропа на вратата, бара да му отворат, а потоа ги испрашува лекарите и им наредува да ја напуштат болницата.
Тој првично ги обвинил дека наводно биле во љубовна врска и дека заедно поминувале време за време на дежурството.
Меѓутоа, неколку часа подоцна, во ново обраќање, градоначалникот повеќе не ја споменувал наводната љубовна врска, туку изјавил дека лекарите одморале во работно време.
На случајот реагираше Лекарската комора на бразилската сојузна држава Пернамбуко, која го осуди јавното изложување и понижување на лекарите.
Од комората порачаа дека евентуалните неправилности во работењето на здравствените установи мора да се решаваат преку официјални и законски постапки.
Градоначалникот, пак, остана на својата одлука, бранејќи ја ненајавената контрола и отстранувањето на двајцата лекари од болницата.








