Германскиот производител на оружје „Рајнметал“, една од најзначајните компании во европската одбранбена индустрија, се соочува со сериозни деловни предизвици поради доцнење на договорите, недостиг на работници и проблеми во производството.
Компанијата по вторпат годинава ја намали прогнозата за приходите во 2026 година, од претходно планираните 14,2 милијарди на приближно 13,2 милијарди евра.
По објавувањето на новата прогноза, акциите на „Рајнметал“ во еден момент забележале пад од дури 18,4 проценти.
Како главна причина за намалените очекувања се наведува доцнењето на проектот за оклопни возила „Арминиус“, познат и како „Боксер“, поради дополнителни проверки на цените и трошоците од страна на германските власти.
Поради одложувањето, компанијата нема да ги добие планираните авансни исплати од 12,4 милијарди евра во текот на оваа година.
Дополнителна неизвесност создава и планираната соработка со холандската компанија „Дестинус“, која во меѓувреме воспоставила партнерство со германски конкурент.
Сепак, проблемите не се поврзани само со државните нарачки.
Според извори блиски до компанијата, „Рајнметал“ се соочува со недостиг на квалификувани работници, застарени технолошки системи и тешкотии при проширувањето на производствените капацитети.
Дополнително, дел од експертите предупредуваат на преголема концентрација на одлучувањето кај извршниот директор Армин Папергер, кој лично учествува во преговорите за големите договори.
Финансискиот директор Клаус Нојман дел од тешкотиите ги опиша како привремени проблеми поврзани со отворањето нови производствени погони и приспособувањето на синџирите на снабдување.
И покрај зголемените европски вложувања во одбраната, случувањата покажуваат дека „Рајнметал“ се соочува со предизвици при реализацијата на амбициозните планови за раст.







