Осум припадници на српската полиција се уапсени под сомнение дека со тепање, малтретирање и тортура ја предизвикале смртта на Далибор Драгијевиќ, брат на Дејан Драгијевиќ, кој е обвинет за убиството на двегодишната Данка Илиќ.
Апсењата биле извршени на 6 ноември по налог на Вишото јавно обвинителство во Ниш, а осомничените се припадници на Управата за криминалистичка полиција.
Според обвинителството, Далибор Драгијевиќ бил изложен на насилство во полициските простории во Бор, при што се здобил со тешки телесни повреди од кои починал на 7 април 2024 година.
Тој бил приведен во рамките на истрагата за исчезнувањето на малата Данка Илиќ, која исчезна на 26 март 2024 година.
Српската полиција првично соопштила дека Драгијевиќ починал од природна смрт, но обдукцискиот наод открил бројни повреди на неговото тело.
Меѓу уапсените се четворица припадници на единицата за обезбедување одредени личности и објекти, кои во времето на настанот работеле во криминалистичката полиција, како и уште четворица полициски службеници.
На осомничените им е одредено задржување до 48 часа, по што треба да бидат изведени на сослушување пред обвинителството во Ниш.
Обвинителството соопшти и дека претходно издало налози за апсење на осомничените, но Секторот за внатрешна контрола при српското МВР не постапил по нив.
Случајот со Данка Илиќ и понатаму ја потресува српската јавност. За нејзиното убиство се обвинети Дејан Драгијевиќ и Срѓан Јанковиќ, а телото на девојчето сè уште не е пронајдено.
Истрагата за смртта на Далибор Драгијевиќ продолжува, а осомничените полицајци се сметаат за невини додека не се утврди нивната вина со правосилна судска одлука.






