Иранската војска тврди дека го гаѓала американскиот носач на авиони USS „Abraham Lincoln“ со крајбрежни крстосувачки ракети. Од Вашингтон засега нема официјална потврда за нападот, но иранските медиуми објавија снимка од наводниот удар.
Прес ТВ објави видео во кое се наведува дека вооружените сили лансирале ракети кон американската носачка група, додека државната агенција ИРНА цитира поморски претставници кои ја опишуваат операцијата.
Според тие информации, командантот на иранската морнарица, контраадмирал Шахрам Ирани, изјавил дека движењата на „непријателскиот“ носач „Abraham Lincoln“ се под постојано следење и дека ќе биде цел веднаш штом влезе во домет на иранските ракетни системи.
Иранските власти тврдат дека крстосувачките ракети биле лансирани кон американската флота, што ја принудило да ја промени позицијата.
Од американска страна засега нема реакција.
Во меѓувреме, конфликтот меѓу Иран, Израел и САД продолжува да ескалира. Од 28 февруари траат воздушни напади врз Иран, во кои, според извештаите, загинале повеќе од 1.300 лица.
Техеран возврати со напади со дронови и ракети насочени кон Израел, како и кон цели во Јордан, Ирак и земјите од Заливот каде има американски бази, предизвикувајќи жртви и штети врз инфраструктурата, како и сериозни нарушувања на глобалните пазари и воздушниот сообраќај.


















