ПРВ.мк
Свет

ГАСОТ НАГЛО ПОСКАПЕ: Кризата кај Ормушкиот теснец ги крена цените во Европа

ГАСОТ НАГЛО ПОСКАПЕ: Кризата кај Ормушкиот теснец ги крена цените во Европа

Цените на природниот гас во Европа забележаа силен раст во понеделникот, во услови на продолжена неизвесност околу нормализирањето на пловидбата низ Ормушкиот теснец.

Европскиот гас поскапе за околу осум проценти, а референтните фјучерси на холандскиот ТТФ се приближија до 60 евра за мегават-час. Со ваквото движење, цената надомести голем дел од падот забележан претходната недела, објави 4news.mk.

Новиот притисок врз енергетскиот пазар доаѓа откако во текот на викендот не бил постигнат конечен договор меѓу Иран и Оман. Техеран поставил обновени барања кон Вашингтон како услов за целосно отворање на стратешки важниот морски премин.

Иако од Иран било сигнализирано дека договорот е блиску, истовремено било предупредено дека евентуален договор нема автоматски да значи и моментално целосно деблокирање на Ормушкиот теснец.

Продолжувањето на неизвесноста ги зголеми стравувањата дека проблемите со транспортот на течен природен гас би можеле да траат подолго. Тоа особено се однесува на испораките од големите производители и извозници како Катар.

Доколку доцнењата продолжат, глобалната понуда на ЛНГ дополнително би се стегнала, а конкуренцијата меѓу Европа и Азија за достапните количини би можела да стане уште поголема.

За европските земји ова доаѓа во чувствителен период, кога се обидуваат да обезбедат доволно резерви и да ги наполнат складиштата со гас пред претстојната зимска сезона.