Британскиот водител Ричард Медли добил ретка дозвола да влезе во озлогласениот затвор Цекот во Ел Салвадор, кој важи за еден од најстрого обезбедуваните затворски комплекси во светот.
Станува збор за Центарот за притворање терористи во градот Теколука, каде се сместени илјадници членови на банди и опасни криминалци. Медли ја посетил установата за потребите на документарецот „Во најголемиот затвор на светот“, кој ќе се емитува на Канал 5.
„Ништо не може да ве подготви за глетката на 3.000 избричени мажи зад решетки од под до таван. Нема приватност, само метални кревети поставени на четири нивоа и илјадници погледи вперени кон вас“, изјавил водителот по посетата.
Во затворот владеат екстремно строги правила. Затворениците носат само боксерки, светлата никогаш не се исклучуваат, а поголемиот дел од денот го минуваат затворени во ќелии. Нема посети, книги, телевизија, образование ниту програми за рехабилитација, а дозволена е само кратка физичка активност под постојан надзор.

Медли открил дека бил шокиран и од снимките што му ги покажале властите, на кои, според неговите зборови, членови на банди извршувале брутални убиства со мачети.
Иако на почетокот имал резерви околу прашањата за човековите права, по разговорите со локалното население рекол дека подобро ја разбрал поддршката што голем дел од граѓаните ја даваат на строгите мерки на владата.
„Меѓу затворениците има садистички убијци и силувачи. Луѓето во Ел Салвадор конечно се чувствуваат побезбедно“, посочил тој.
Затворот Цекот е изграден на површина од 57 хектари и има капацитет за околу 40.000 затвореници. Во моментов таму се наоѓаат околу 15.000 лица, претежно членови на криминални банди.

По доаѓањето на власт на претседателот Најиб Букеле во 2019 година, властите започнаа масовна акција против организираниот криминал, тврдејќи дека стапката на убиства во земјата значително се намалила.








