Аксел Рудакубана, осуден на 52 години затвор за убиството на три девојчиња и обидот за убиство на уште 10 лица во Саутпорт, е префрлен од затвор во психијатриска болница со висок степен на обезбедување.
Одлуката доаѓа откако надлежните процениле дека неговата состојба бара специјализиран третман, а трансферот не значи промена или намалување на изречената казна.
Рудакубана во јули 2024 година изврши напад во рамки на работилница за танц во Саутпорт, која била организирана за деца и била посветена на музиката на Тејлор Свифт. Во нападот животот го загубија три девојчиња – 9-годишната Алис да Силва Агиар, 6-годишната Бебе Кинг и 7-годишната Елси Дот Стенкомб.
Тој подоцна се изјасни за виновен за убиствата и за обидите за убиство на други лица. Во моментот на нападот имал 17 години.
Според британските медиуми, Рудакубана бил префрлен од затворот со висока безбедност Белмарш во психијатриската болница Бродмур, една од најпознатите установи од ваков тип во Велика Британија.
Од Министерството за правда нагласија дека неговото преместување нема никакво влијание врз должината на казната и дека тој и понатаму останува под строг надзор.
Веста за трансферот тешко ја примиле семејствата на жртвите, особено поради тоа што се случува непосредно пред втората годишнина од трагичниот напад.
Адвокатот Крис Вокер, кој ги застапува семејствата на убиените девојчиња, изјавил дека тие добиле само основни информации и дека бараат дополнително објаснување од надлежните институции.
„Семејствата беа известени во последните 48 часа. Веста би била тешка во кој било момент, но нејзиното објавување пред годишнината дополнително ја зголемува болката“, изјавил Вокер.
Британските закони дозволуваат лица кои претставуваат висок ризик, но имаат сериозни ментални нарушувања, да бидат префрлени во специјализирани психијатриски установи со највисоко ниво на безбедност.
Во таквите установи лицата имаат статус на пациенти, а не затвореници, но нивното движење и третман се под строг надзор.
Трансферот следи по инцидентот во затворот Белмарш, каде што Рудакубана наводно нападнал судски службеник со топла вода.
Болницата Бродмур во Беркшир е една од трите установи во Велика Британија со највисоко ниво на обезбедување и низ годините во неа биле сместени некои од најпознатите криминалци во земјата.
Според Законот за ментално здравје, одлуката за ваков трансфер се носи врз основа на проценка на клинички експерти. Лицата сместени во вакви установи мора да учествуваат во третман и терапија, а доколку се процени дека повеќе нема потреба од болничко лекување, може повторно да бидат вратени во затворски систем.








