Руски дрон погодил објект за складирање на потрошено нуклеарно гориво во близина на напуштената нуклеарна централа Чернобил, соопштија украинските власти, нагласувајќи дека нивото на радијација останува во нормални граници.
Според информациите од украинскиот Генералштаб и државната агенција за нуклеарна енергија, зградата претрпела делумни оштетувања, но во моментот на нападот во неа немало складирано потрошено нуклеарно гориво.
По ударот избувнал пожар кој подоцна бил целосно изгаснат. Во инцидентот нема повредени лица, а надлежните служби продолжуваат да ја следат состојбата на терен.
Објектот се наоѓа на околу 15 километри од нуклеарната централа Чернобил, местото на најголемата нуклеарна катастрофа во светот во 1986 година.
Русија засега не се огласи во врска со наводниот напад.
Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха изјави дека ова не е прв случај во кој, според Киев, руските сили ги доведуваат во опасност украинските нуклеарни капацитети.
„Руската нуклеарна уцена и заканите за нуклеарната безбедност се систематски, намерни и неприфатливи“, порача Сибиха.
Украинските власти потсетуваат дека и во февруари 2025 година руски дрон ја оштетил заштитната конструкција над реакторот во Чернобил, додека Москва тогаш ги отфрли обвинувањата.
Во меѓувреме, Киев и Москва продолжуваат меѓусебно да се обвинуваат и за инциденти поврзани со нуклеарната централа Запорожје, која се наоѓа под руска контрола и претставува најголема нуклеарна централа во Европа.









