Властите во Дубаи започнаа нова туристичка иницијатива наречена „A Dubai Invite“, со која жителите на Обединетите Арапски Емирати ќе можат да добијат пакет бенефиции вреден повеќе од 3.000 дирхами (околу 720 евра) доколку поканат пријатели или роднини од странство кои ќе го посетат емиратот.
Програмата ја спроведува Одделот за економија и туризам на Дубаи. Според правилата, посетителите мора да пристигнат со важечка туристичка или посетителска виза најдоцна до 31 октомври, а секој жител може да добие ограничен број пакети со поволности. Во нив се вклучени хотелско сместување, попусти во ресторани, билети за туристички атракции и други погодности.
Иницијативата доаѓа во период кога туристичкиот сектор во Дубаи се соочува со сериозни предизвици. Според The Guardian, бројот на посетители значително се намалил поради регионалната безбедносна криза и нападите со ракети и дронови врз делови од Обединетите Арапски Емирати, што ја нарушиле долгогодишната репутација на Дубаи како безбедна туристичка дестинација.
Во првите 48 часа од почетокот на кампањата биле регистрирани повеќе од 10.000 пријави, што покажува голем интерес кај жителите за учество во програмата.
Со оваа мерка властите се надеваат дека ќе го поттикнат враќањето на туристите и ќе му помогнат на секторот кој е еден од главните двигатели на економијата на Дубаи.







