Истрагата за сериозниот инцидент со авионот на „Рајанер“, кој на 10 јули доживеа декомпресија над македонскиот воздушен простор, доби нов пресврт откако се појавија информации дека истиот авион имал технички проблем и само еден ден претходно.
Според достапните информации, „Боинг 737“ полетал од Солун кон Сараево, но кратко по полетувањето бил принуден да го прекине летот и да се врати на аеродромот во Солун. Засега не е познато што го предизвикало тој инцидент, ниту дали има поврзаност со настанот што следел следниот ден.
Најсериозниот инцидент се случил на летот од Солун кон германскиот Меминген, кога, според првичните информации, дошло до оштетување на прозорецот на авионот, најверојатно по удар од метален фрагмент, што предизвикало декомпресија на кабината.
Во текот на инцидентот, според сведоштва на патници, српски државјанин бил повлечен кон оштетениот дел од авионот, но благодарение на неговата сопруга и неколку патници бил спасен и вратен во кабината. Авионот потоа кружел извесно време и безбедно се вратил на аеродромот во Солун.
Бидејќи инцидентот се случил над македонскиот воздушен простор, истрагата ја водат македонските воздухопловни власти. Во постапката се вклучени и американскиот Национален одбор за безбедност во сообраќајот (NTSB), како и производителот „Боинг“, кој најави целосна соработка со истражните органи.
Во овој момент не е потврдено дали двата инцидента се поврзани, а конечните одговори се очекуваат по завршувањето на официјалната истрага.








