Рускиот претседател Владимир Путин упати остри критики до властите во Киев за време на денешната седница на Советот за безбедност на Русија, тврдејќи дека Украина секојдневно губи територии и дека немоќта на воено поле ја заменува со „отворени терористички методи“. Според неговите зборови, ризикот од терористички закани во Русија е во постојан пораст бидејќи украинскиот режим и неговите западни спонзори не можат да го запрат напредувањето на руските сили долж линијата на фронтот.
Путин нагласи дека се почестите напади со дронови врз цивилната инфраструктура се јасен доказ за оваа промена во тактиката на Киев, кој наместо на бојното поле, се фокусирал на заплашување на населението.
Посебен акцент во неговото обраќање беше ставен на претстојните избори за Државната дума, кои се закажани за 20 септември 2026 година. Рускиот лидер наложи итни и строги мерки за спречување на сите видови провокации, особено оние кои доаѓаат од странство, со цел да се обезбеди непречено гласање. Тој истакна дека жителите на Донбас и Новорусија оваа година за првпат ќе избираат свои претставници на федерално ниво, обвинувајќи ја Украина дека ќе се обиде со сите средства да го попречи овој процес во регионите кои Русија ги смета за своја територија. Додека Киев одбива да одржи избори на своја територија поради воената состојба, Путин порача дека Русија нема да дозволи никој да го негира „историското право“ на овие граѓани да бидат дел од нејзиниот политички систем.
Ситуацијата пред септемвриското гласање се очекува да биде крајно напната, со оглед на наредбите за засилена будност на сите нивоа на безбедносните служби.








