Во изминатата година дојде до значајна промена на глобалните финансиски пазари: американскиот долар ја изгуби улогата на „безбедно засолниште“, додека швајцарскиот франк дополнително ја зацврсти позицијата како најстабилна валута во светот, покажуваат анализите на водечките финансиски експерти.
Економистите посочуваат дека една од главните причини за слабеењето на доларот е фактот што токму САД предизвикаа сериозни нарушувања во глобалната трговија. По децении промовирање на слободен пазар, просечната царинска стапка за увоз во САД скокна од 2,3 на дури 14 проценти, што претставува највисоко ниво уште од 1939 година.
Како директна последица од ваквата политика, доларот доживеа пад на светските девизни пазари. Таканаречената „зелена банкнота“ ослабе во однос на сите 15 глобално значајни валути. Најголем пад е регистриран во однос на шведската круна (минус 20 проценти), мексиканскиот пезос (минус 16 проценти) и швајцарскиот франк (минус 14 проценти). Единствената валута каде што падот беше речиси незабележителен е јапонскиот јен.
Според аналитичарите, доларот не успеал да се опорави уште од април 2025 година, кога американските царини беа нагло зголемени. За Томас Штуки, главен инвестициски директор на Кантоналната банка на Сент Гален, ова слабеење на доларот е еден од најзначајните финансиски настани во последната година. Според индексот пондериран со трговијата, доларот изгубил околу седум проценти од вредноста.
На спротивната страна, швајцарскиот франк покажа исклучителна стабилност. Карстен Јуниус, главен економист на банката Ј Сафра Сарасин, оцени дека 2025 година била релативно мирна за франкот. Тој потсети дека Швајцарската национална банка интервенирала на девизниот пазар во вториот квартал, купувајќи долари, но во умерен и внимателно контролиран обем.
Еврото, пак, ослабело за еден процент во однос на франкот, додека разликата во каматните стапки меѓу еврозоната и Швајцарија достигнала 2,6 проценти, што е најголем ваков јаз од обединувањето на Германија.
Во споредба со франкот, британската фунта ослабела за пет проценти, кинескиот јуан за девет, а јапонскиот јен за дури 12 проценти, што експертите го оценуваат како сериозен пад. Меѓу малкуте валути што покажале релативна сила во однос на франкот е шведската круна.
Според финансиските аналитичари, монетарната политика имала ограничено влијание врз девизните движења, додека трговските тензии и геополитичките фактори биле клучните двигатели. Јуниус очекува дополнително, но умерено зајакнување на швајцарскиот франк во однос на еврото и доларот, пренесува швајцарскиот весник „Ноје Цирхер Цајтунг“.
















