И покрај предупредувањата од авиокомпаниите и аеродромите за долги редици и доцнења, Европската Унија одби да ја суспендира примената на новиот систем за биометриски гранични контроли. Брисел признава дека на одредени гранични премини има сериозни проблеми, но оценува дека прекинот на системот не е ниту потребен, ниту изводлив.
Новиот Систем за влез и излез (EES) бара од патниците кои не се државјани на ЕУ при првото влегување во Шенген зоната да ги регистрираат своите отпечатоци од прсти и фотографија од лицето. При секое следно влегување или излегување, нивниот идентитет ќе се проверува преку биометриски податоци.
Претставниците на туристичката индустрија, меѓу кои и Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (IATA), побараа одложување на системот до следната летна сезона, предупредувајќи дека патниците веќе се соочуваат со долги чекања, пропуштени летови и проблеми на аеродромите во Португалија, Шпанија, Италија, Грција и Белгија. Нискобуџетната авиокомпанија Ryanair исто така алармираше за големи редици на популарните туристички дестинации.
Од Европската Унија, сепак, посочуваат дека системот не може да се применува само во дел од земјите, бидејќи тоа би создало сериозни проблеми за патниците и би можело погрешно да ги евидентира како лица кои го пречекориле дозволениот престој во Шенген зоната.
Според европските власти, од околу 1.500 гранични премини, само дваесетина се сметаат за критични точки каде што има најголеми застои. Во меѓувреме, некои држави веќе преземаат мерки за намалување на метежот, како ангажирање дополнителен персонал и засилување на граничните контроли.
Европската комисија наведува дека системот веќе дава резултати. Досега се регистрирани околу 110 милиони влегувања и излегувања од Шенген зоната, а на повеќе од 44.000 лица им бил одбиен влез поради различни причини, меѓу кои пречекорен дозволен престој, користење лажни документи или безбедносни ризици.
Иако воведувањето на системот беше одложувано со години, Брисел останува на ставот дека биометриските проверки се клучни за подобра контрола на надворешните граници, спречување злоупотреби и зголемување на безбедноста во Шенген зоната.








