Според извештај на Ен-Би-Си Њуз, повикувајќи се на извори, Иран наводно предизвикал значително поголема штета на американските воени бази на Блискиот Исток отколку што претходно било соопштено.
Информациите наведуваат дека биле погодени бази во седум земји, при што штетите опфаќаат инфраструктура и опрема како складишта, командни центри, комуникациски системи, радарски инсталации, писти и дел од воените летала. Според истите извори, обемот на уништувањето е доволно голем за да бара поправки во вредност од милијарди долари.
Дополнително, се тврди дека покрај ракети и дронови, во нападите биле користени и борбени авиони од типот Ф-5, што би претставувало значајно отстапување од претходните официјални проценки на САД.
Пентагон засега не објавува детална проценка на штетите, а Централната команда на САД не дава конкретни информации за обемот на уништувањето. Дел од американските конгресмени, според извештајот, изразиле незадоволство поради недостиг на транспарентност.
Информациите сè уште не се независно потврдени од американските власти.










