Францускиот парламент усвои закон со кој под строги услови ќе се овозможи медицински потпомогнато умирање за возрасни лица кои боледуваат од неизлечиви и терминални болести.
Предлог-законот беше изгласан во Долниот дом со 291 глас „за“ и 241 „против“. Сепак, тој нема веднаш да стапи во сила, бидејќи противниците најавија дека ќе побараат проверка на неговата уставност.
Според новите правила, право на медицински потпомогнато умирање ќе имаат полнолетни француски државјани или жители на Франција кои страдаат од сериозна и неизлечива болест, се наоѓаат во напредна или терминална фаза, трпат неподносливи болки и доброволно ќе ја побараат оваа постапка.
Законот предвидува пациентот сам да го земе препишаниот смртоносен лек, додека помош од лекар или медицинска сестра ќе биде дозволена само ако пациентот поради својата физичка состојба не е способен сам да го направи тоа.
Мерката нема да важи за лица кај кои единствен проблем е психолошко страдање, ниту за пациенти со тешки психијатриски нарушувања или невродегенеративни заболувања, како Алцхајмеровата болест.
Францускиот претседател Емануел Макрон ја поздрави одлуката, истакнувајќи дека со ова е исполнето ветувањето дадено во 2022 година, по повеќегодишна јавна и политичка дебата за ова чувствително прашање.







