ПРВ.мк
Свет

САД нудат 20 милиони долари за информации: Ветуваат и можност за преселување

САД нудат 20 милиони долари за информации: Ветуваат и можност за преселување

Соединетите Американски Држави објавија дека нудат парична награда до 20 милиони долари за информации поврзани со иранската нуклеарна програма, а за лицата што ќе достават релевантни податоци е предвидена и можност за преселување.

Понудата е објавена во саботата, 7 ноември, на официјалната интернет-страница на американската владина програма „Награди за правда“.

„Програмата нуди награда до 20 милиони долари и можност за преселување за информации за иранската нуклеарна програма“, се наведува во соопштението.

Американските власти се заинтересирани за информации за нуклеарните постројки, опремата, научниците и другиот персонал поврзан со програмата, како и за евентуалното преместување на нуклеарен материјал или опрема.

Информацијата за наградата ја објави и Централната команда на американската војска (CENTCOM), која е надлежна за воените операции на Блискиот Исток.

Американскиот претседател Доналд Трамп повеќепати нагласуваше дека спречувањето на Иран да развие нуклеарно оружје е една од главните цели на американската политика кон таа земја.

Белата куќа претходно соопшти дека неколку ирански нуклеарни постројки биле целосно уништени во нападите извршени во јуни 2025 година.

Сепак, дел од експертите предупредија дека Иран можеби успеал навреме да премести дел од нуклеарниот материјал на безбедни локации.

Новата американска понуда доаѓа во услови на неизвесност околу состојбата на иранската нуклеарна програма и локациите на нејзините клучни капацитети.

Засега не е познато дали американските власти веќе добиле информации како одговор на понудената награда.