Украина им доставила на европските власти податоци за повеќе од 500.000 руски војници, но по речиси една година работа, во заедничката шенгенска безбедносна база се внесени помалку од еден процент од нивните имиња, објави „Еуроњуз“.
Европските држави се обидуваат да го ограничат влезот на руски војници и воени ветерани во Шенген-зоната, поради загриженоста дека дел од лицата кои се враќаат од украинскиот фронт би можеле да претставуваат безбедносен ризик.
Главната пречка е европското законодавство, кое бара индивидуална безбедносна проценка за секое лице пред да биде внесено во Шенгенскиот информациски систем (SIS).
Украина ги собира податоците за руските војници идентификувани на бојното поле и ги доставува до Естонија, која потоа ги споделува со Германија, Литванија, Полска и Чешка.
Сепак, европските служби не можат автоматски да ги внесат сите имиња во системот, бидејќи за секое лице мора да постојат конкретни законски основи за ограничување на влезот.
Поради тоа, Брисел разгледува нови мерки за зајакнување на граничните проверки и ограничување на издавањето визи за руски војници и ветерани.
Европската комисија би можела да претстави нови предлози веќе на 16 ноември, на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ.
Меѓу можните решенија е воведување дополнителна документација при аплицирање за виза, вклучително и воени книшки за руски мажи на возраст за воена служба.
Сепак, членките на Унијата немаат единствен став. Додека северните и источните земји бараат построги ограничувања, Италија предупредува на административни тешкотии и можни судски постапки.
Европските институции разгледуваат и долгорочни измени на шенгенските и визните правила, со цел да се воспостави поефикасен механизам за безбедносни проверки.






