Дваесет и шестгодишниот Исак Валдез починал откако од верски причини одбил медицински третман што вклучувал трансфузија на крв. Само 23 дена по неговата смрт, верската заедница на Јеховините сведоци објавила значително ублажување на долгогодишните правила за употреба на крв во медицината.
Трагедијата се случила во август, кога Исак доживеал епилептичен напад во библиотека, паднал и силно ја удрил главата, при што добил крвавење во мозокот.
Како припадник на Јеховините сведоци, тој носел картичка со која однапред одбивал трансфузија на крв од верски причини.
Кога накратко се освестил, Исак потврдил дека останува на својата одлука. Неговата состојба потоа нагло се влошила и паднал во кома.
Неврохирургот ѝ соопштил на неговата фамилија дека итна операција со трансфузија може да му го спаси животот. Семејството ја почитувало неговата волја, а младиот човек починал на 26 август, по исклучувањето од апаратите за одржување во живот.
Само 23 дена подоцна, раководството на Јеховините сведоци објавило промена на правилата, со која употребата на одредени крвни компоненти, меѓу кои плазма, црвени крвни клетки и тромбоцити, станува прашање на лична одлука на верниците. Забраната за трансфузија на целосна крв останува.
Неговиот брат близнак Џејкоб Валдез смета дека Исак можел да преживее доколку промената била донесена порано.
Тој побарал одговорност и извинување од верското раководство.
Правилото против трансфузија било воведено во 1945 година, врз основа на толкување на Библијата.
Според Би-Би-Си, новата одлука предизвикала бројни реакции, особено кај семејствата што во минатото изгубиле блиски лица поради одбивање трансфузија.
Претставниците на верската заедница, пак, објаснуваат дека промената произлегува од новото толкување на библиските принципи во контекст на современата медицина.






