Во длабочините на Источна Африка се одвива бавен, но моќен геолошки процес кој полека го раздвојува континентот. Овој феномен, според научниците, би можел еден ден да доведе до создавање на нов океан, но тоа ќе се случи дури за неколку милиони години.
Истражувачи од Велика Британија, предводени од Универзитетот во Суонсеи, детално ја анализирале Афарската раседна зона – уникатно место на планетата каде се спојуваат три тектонски раседи: етиопискиот, Црвеното Море и Аденскиот Залив. Овој регион е вистински геолошки крстопат, каде што магма од длабочините на Земјата се движи кон површината, создавајќи пулсирачки сили што ги растегнуваат тектонските плочи.
Емa Ватс и нејзиниот тим собрале преку 130 примероци од млади вулкани во областа и ги споредиле со податоци од претходни истражувања. Со помош на статистички модели, ја испитале динамиката на мантијата и кората под овој геолошки „жаришен појас“.
Наодите покажуваат дека мантијата под Африка не е стабилна – таа пулсира како срце, туркајќи ја магмата нагоре и помагајќи во раздвојувањето на копното.
Иако годишното растојание на раздвојување е само 5 до 16 милиметри, на долг рок – милиони години – тоа би можело да доведе до потполно одвојување на источниот дел на Африка и формирање на нов океан.
„Ова е редок поглед на тоа како се формира нов океански басен,“ вели геологот Том Гернон од Универзитетот во Саутемптон. Според него, овие откритија можат да помогнат подобро да се разберат вулканските и тектонските процеси кои влијаат врз целата планета.