ПРВ.мк

Џо Бајден се огласи за прв пат откако му беше дијагностицирана агресивна форма на рак

Џо Бајден се огласи за прв пат откако му беше дијагностицирана агресивна форма на рак
Jumbo Banner

Вашингтон, САД — Поранешниот претседател на САД, Џозеф Бајден (82), првпат ѝ се обрати на јавноста откако му беше дијагностициран агресивен облик на рак на простатата, кој веќе се проширил на коските.

Во понеделникот наутро, преку објава на социјалната мрежа Икс (поранешен Твитер), Бајден сподели фотографија со сопругата Џил и нивната сива мачка, придружена со емотивна порака:

„Ракот нè допира сите нас. Како и многумина од вас, и Џил и јас научивме дека сме најсилни токму таму каде што сме скршени. Ви благодариме за љубовта и поддршката што ни ја испраќате“, напиша Бајден.

Неколку часа претходно, неговиот кабинет издаде официјално соопштение во кое се наведува дека во петокот му била поставена дијагноза на рак на простатата со метастази на коските. Медицинскиот тим ја означил болеста како високо агресивна.

„Минатата недела, претседателот Бајден беше подложен на дополнителни испитувања поради нови промени на простатата, по подолг период на изразени уринарни симптоми. Во петокот му беше дијагностициран карцином на простатата, со Gleason скор 9 (група 5), што укажува на тешка форма на болеста со потврдено ширење на коскеното ткиво“, се наведува во соопштението.

Во медицинската практика, Gleason скор 9 претставува еден од најтешките форми на рак на простатата, при што клетките се значително различни од здравото ткиво, што е знак за брзо и агресивно ширење на болеста.

И покрај сериозната дијагноза, лекарите наведуваат дека туморот е чувствителен на хормонска терапија, што отвора можности за ефикасно управување со болеста.

Семејството Бајден сѐ уште ги разгледува потенцијалните опции за лекување. Според најавите, јавноста ќе биде редовно информирана за натамошниот развој на здравствената состојба на поранешниот претседател.

ELS
Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран