Јапонија денеска беше погодена од два силни земјотреси со јачина од 5,1 и 4,9 степени според Рихтеровата скала, а потресите повторно ја вознемирија јавноста во земјата која важи за една од најсеизмички активните во светот. Според досегашните информации, нема пријави за повредени лица ниту за поголема материјална штета.
Како што соопшти Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар, првиот и посилен земјотрес го погодил јапонскиот архипелаг Изу. Епицентарот бил регистриран во отворено море, на голема длабочина од 457 километри, на околу 486 километри од градот Хамамацу. Токму поради значителната длабочина, потресот бил почувствуван, но засега нема информации за сериозни последици.
Пред овој земјотрес, уште еден потрес со јачина од 4,9 степени според Рихтер ја погодил областа источно од островот Хокаидо. И овојпат епицентарот бил во морето, но на многу помала длабочина од 10 километри, на околу 193 километри од градот Куширо.
Јапонските служби внимателно ја следеле состојбата по двата потреси, а според официјалните информации, не било издадено предупредување за опасност од цунами. Во моментов нема податоци за повредени лица, ниту за причинета штета на објекти и инфраструктура.
Јапонија често се соочува со силни земјотреси поради нејзината местоположба на таканаречениот „Пацифички огнен прстен“, регион познат по интензивна сеизмичка и вулканска активност. Токму затоа, секој нов потрес внимателно се следи од надлежните институции и населението.






