Аеродромот во Минхен синоќа беше целосно парализиран откако над пистите беа забележани дронови. Германската полиција и аеродромските власти соопштија дека поради безбедносни причини пистите биле затворени, а дури 17 полетувања биле откажани, што погодило околу 3.000 патници.
Сведоци пријавиле дека виделе дронови во близина и над аеродромскиот простор, но не е познато дали се работи за еден или повеќе летала. Поради хаосот, 15 авиони биле пренасочени кон Штутгарт, Нирнберг, Виена и Франкфурт.
Патниците добиле кревети, ќебиња и храна додека чекале во терминалот, а областа ја пребарувале државни и федерални служби заедно со полициски хеликоптер – но дроновите и нивните оператори не биле пронајдени.
Инцидентот се случи во време на Октоберфест, најголемиот пивски фестивал во светот, што дополнително го зголеми вниманието околу случајот. Европа веќе е во состојба на зголемена готовност поради зачестени инциденти со дронови кај клучна инфраструктура и воени бази, меѓу кои и онаа во Норвешка каде што се стационирани американски F-35.







