Десетици пожари зафатија повеќе области на Сицилија, при што загина еден пожарникар, соопштија денеска властите.
Во големиот пожар во Сан Каталдо, во провинцијата Калтанисета, загина 59-годишен пожарникар, на кого му се слоши за време на интервенцијата, најверојатно како последица на срцев удар, пренесе Раи Уно. Неговиот колега е пренесен во болницата „Сант Елија“ во Калтанисета.
Регионалниот претседател на Сицилија, Ренато Скифани, го посети регионалниот оперативен центар за да ја провери координацијата на акциите за гаснење на пожарите.
Ветерот го поттикнува ширењето на пожарите
Островот веќе една недела се соочува со екстремен топлински бран, со температури кои во Палермо и во внатрешноста на Сицилија достигнуваат и до 49 степени Целзиусови во текот на денот, додека ноќе не паѓаат под 30 степени. Ситуацијата дополнително ја влоши ветерот, кој во последните 48 часа го поттикна ширењето на бројни пожари.
Ватрта уништи големи површини со вегетација и медитеранска ниска шума, а загрозени се домови, деловни објекти и туристички подрачја.
Во Монреале кај Палермо пожарите предизвикаа густ чад, а поради опасност привремено е затворен државниот пат 186 во двата правци.
Снема струја, луѓето се евакуираат
Во Палермо во текот на ноќта снема струја во одделни населби, најверојатно поради зголемената употреба на клима-уреди.
Во областа Агриџенто, во градот Санто Стефано Кискина, повеќе од 100 луѓе се евакуирани поради големиот пожар во близина на населеното место.
Пожарникарите беа распоредени во близина на објекти со посебен ризик, вклучувајќи магацин за кислород, бензинска пумпа и фабрика за огномет.
– Ситуацијата е драматична – изјави градоначалникот Франческо Качаторе.
Од претпазливост, 22 пациенти од клиниката „Игнацио Атарди“ се префрлени во други здравствени установи.
Евакуирани се и жителите долж патот кој го поврзува Санто Стефано Кискина со Бивона, каде што исто така избија големи пожари.
Земјоделците прават противпожарни препреки
Локалните земјоделци се обидуваа да помогнат во спречувањето на ширењето на огнот, користејќи багери, булдожери и трактори за правење противпожарни препреки, додека други обезбедуваа вода за пожарникарите, шумарите, припадниците на Цивилната заштита, карабинерите и полицијата.
Градоначалникот на Бивона, Милко Чина, изјави дека веќе се причинети штети на земјоделските и сточарските стопанства, како и на одделни куќи, и дека е покрената процедура за прогласување вонредна состојба.
Пожари се пријавени и во Кастроново ди Сицилија, каде што се оштетени селски куќи и деловни објекти, како и во бројни други места низ островот, вклучувајќи ги Алија, Какамо, Белмонте Мецањо, Партинико, Бомпјатро, Петралија Сотана, Кампофеличе ди Фиталија, Каникати, Менфи и Арагона.
Последица на климатската криза
Еколошката организација „Легамбиенте“ оцени дека Сицилија се наоѓа во вонредна ситуација поради екстремните температури и последиците од климатската криза, која, како што наведуваат, ја зголемува брзината на ширење и разорната моќ на пожарите.
Организацијата повика на дополнително ангажирање ресурси, вклучувајќи помош од армијата и зајакнување на капацитетите на пожарникарските и сите други надлежни служби.
Пожари и во други делови на Италија
Пожари се забележани и во други делови на Италија:
Во областа Морано Калабро, во провинцијата Козенца, пожарникарите ја продолжуваат борбата со пламенот во областа Монте Калсинаја, додека ситуацијата во Фрашинето е стабилизирана.
Во регионот Молизе пожарите уништија обработливи полиња, овошници и маслинарници, како и земјоделски објекти.
Повеќе семејства се евакуирани во местото Гамбатеса, а пожарникарите во текот на ноќта интервенираа со помош на 10 луѓе, шест возила и канадер.








