ПРВ.мк
Свет

Внимавајте што носите од одмор – еден сувенир може скапо да ве чини

Внимавајте што носите од одмор – еден сувенир може скапо да ве чини

Сувенирите што туристите ги носат од летувањата не се секогаш безопасни. Во многу земји постојат строги правила за изнесување на природни и културни богатства, а нивното прекршување може да резултира со високи парични казни, па дури и затвор.

Според Австрискиот клуб за автомобили, мотоцикли и туризам (ÖAMTC), во Хрватска е забрането изнесување на одредени заштитени школки и морски полжави, додека необработените тартуфи можат да се изнесат само со посебна дозвола.

Во Италија не е дозволено собирање песок и школки од плажите, а во Сардинија казните достигнуваат и до 3.000 евра. Слични правила важат и во Франција и Шпанија, каде што е забрането изнесување песок, камења, школки, фосили и одредени растенија. Во Франција казните можат да достигнат дури 150.000 евра.

Во Грција, пак, строго е забрането изнесување археолошки предмети, како и камења земени од археолошки локалитети без дозвола.

Експертите потсетуваат дека со меѓународната конвенција CITES се заштитени бројни растителни и животински видови, па купувањето сувенири направени од нив може да претставува кривично дело.

Патниците треба да внимаваат и што носат со себе. На пример, електронските цигари се забранети во некои земји, пластичните кеси во Кенија, а мастиките за џвакање во Сингапур. Затоа, пред секое патување, препорачливо е да се проверат локалните правила за да се избегнат непријатности на граница.