Во Малезија започна судскиот процес против тинејџер обвинет за убиството на своја соученичка, случај што предизвика силни реакции во јавноста и отвори широка дебата за влијанието на социјалните мрежи врз младите.
Според обвинението, момчето е осомничено за убиството на 16-годишната Јап Шинг Ксуен, која во октомври минатата година беше пронајдена мртва во тоалетот на средното училиште што го посетувала во близина на Куала Лумпур. Истрагата покажала дека девојчето починало по повеќекратни убодни рани.
Обвинетиот, кој во моментот на настанот имал 14 години, пред судот се изјаснил дека не е виновен. Поради тоа што е малолетен, неговиот идентитет не смее јавно да биде објавен, согласно законите во Малезија.
Полицијата претходно соопшти дека истражува дали социјалните мрежи можеби имале влијание врз осомничениот. При неговото апсење била пронајдена и белешка, чија наводна содржина дополнително ја поттикна јавната расправа околу можната улога на интернет-содржините во случајот.
Доколку биде прогласен за виновен, момчето нема да може да биде осудено на смртна казна поради неговата возраст, но според малезиското законодавство може да добие долготрајна затворска казна, како и други законски санкции предвидени за малолетни сторители.
Случајот предизвика широка дискусија за изложеноста на децата на штетни содржини на интернет, а дел од јавноста го спореди со темите обработени во серијата „Adolescence“, која се занимава со онлајн радикализација и насилство меѓу тинејџерите.
По неколкуте случаи на насилство во училиштата, малезиските власти воведоа нови мерки за заштита на децата. Од јуни годинава, на лицата помлади од 16 години им е забрането да отвораат профили на главните платформи за социјални мрежи.






