Словачката влада одобри нацрт-закон со кој се предлага забрана за користење социјални мрежи за деца под 16-годишна возраст. Предлогот треба да добие поддршка и од парламентот за да стапи во сила.
Според предвидените правила, децата помлади од 16 години нема да можат да креираат профили на социјалните мрежи, а платформите ќе треба да воведат механизми со кои ќе ја проверуваат возраста на корисниците.
Владата го образложува предлогот со потребата да се намалат ризиците од зависност од социјалните мрежи, социјален притисок, радикализација и изложеност на штетни содржини.
Во образложението се наведува дека иницијативата е одговор на сè поголемата улога на интернетот и социјалните мрежи во ширењето агресивни, екстремистички и други потенцијално штетни содржини.
Словачките власти се повикуваат и на истражувања од психологијата и невронауката според кои адолесценцијата претставува исклучително важен период за развојот на идентитетот, критичкото размислување, контролата на емоциите и социјалните односи.
Една од клучните точки е начинот на проверка на возраста. Предлогот предвидува корисниците при отворање профил да докажат колку години имаат, но без интернет-платформите да добиваат пристап до други непотребни лични податоци.
Критериумите за верификација треба да бидат усогласени со европските правила за дигитални услуги.
Доколку парламентот го усвои законот, Словачка би вовела едно од построгите ограничувања за пристап на малолетници до социјалните мрежи.







