Украински дронски напади изведени во текот на ноќта на Крим довеле до онеспособување на четири радарски станици од противвоздушниот ракетен систем С-400 и два системи „Панцир“, тврдат извори од украинските безбедносни служби.
Според објавените информации, цел на нападите биле воени и логистички објекти во близина на Керч, вклучувајќи складиште за нафта и инфраструктура поврзана со снабдување на гориво преку Керчкиот теснец. Во исто време биле пријавени пожари на неколку локации, а дел од нафтените капацитети биле оштетени.
Украинската страна тврди дека операцијата погодила и воени позиции и системи за противвоздушна одбрана, како и дека нападите биле насочени кон клучна логистичка инфраструктура.
Од руската страна е соопштено дека неколку лица загинале, а повеќе се повредени во нападите. Регионалните власти на Крим исто така потврдија дека делови од полуостровот останале без електрична енергија по оштетување на електричната мрежа, при што се спроведуваат итни поправки.
Во меѓувреме, се јавуваат информации за прекин во продажбата на гориво на одредени места, како и ограничувања за снабдување, при што гориво се распределува само за службите од витално значење.
Украинскиот претседател потврди дека нападите биле насочени кон воена логистика, нафтени објекти и системи за одбрана, нарекувајќи ги „одговор“ на руските напади.









