Специјалниот американски пратеник за Украина, Стив Виткоф, денеска изјави дека рускиот претседател Владимир Путин на средбата со Доналд Трамп во американската воена база во Енкориџ, Алјаска, за првпат се согласил Украина да добие безбедносни гаранции слични на колективната одбрана предвидена во НАТО, што би било дел од потенцијален мировен договор.
- Успеавме да добиеме отстапка: САД можат да понудат заштита слична на Член 5 од НАТО, што е главната причина зошто Украина сака да биде во Алијансата, изјави Виткоф за Си-Ен-Ен.
Тој истакна дека тоа е првпат Путин да се согласи на ваков вид гаранции и дека страните се договориле за „цврсти гаранции за безбедноста“ на Украина. Дополнително, Русија изјавила дека ќе се обврзе со закон да не посегнува по никаква дополнителна територија во Украина.
Виткоф ја образложи одлуката на Трамп да не инсистира на моментален прекин на огнот, велејќи дека претседателот се свртел кон мировен договор бидејќи е постигнат значителен напредок.
- Почнуваме да забележуваме умереност во размислувањето на Русите за постигнување конечен мировен договор, додаде Виткоф.