Вистинска драма се одвивала на плажа во Бразил кога 19-годишна девојка била тешко повредена во напад од ајкула додека пливала во морето. Нападот се случил во регионот Боа Виажем, а младата Марсела Виториа де Лима Сантос останала без една нога по страшниот инцидент.
Според сведоците, спасувачите и присутните туристи веднаш реагирале и успеале да ја извлечат од водата. Меѓу нив се нашол и лекар кој не бил на должност, но без двоумење почнал да ѝ укажува прва помош. Благодарение на неговата брза реакција и поставувањето турникет, било запрено обилното крвавење и ѝ бил спасен животот.
Девојката итно била пренесена во болница во Ресифе, каде што била подложена на операција. Лекарите соопштиле дека пристигнала во критична состојба поради големата загуба на крв и дека постои ризик од компликации и инфекции.
Нападот предизвика дополнителна загриженост бидејќи се случил само еден ден по сличен инцидент во кој 11-годишно момче исто така останало без нога по напад од ајкула на блиска плажа.
Иако на овие плажи има предупредувања за опасност од ајкули, капењето не е целосно забрането. Локалните власти повторно апелираат до посетителите строго да ги почитуваат безбедносните препораки, особено во зоните каде што претходно биле регистрирани напади.









