Франција се соочува со еден од најсилните топлотни бранови во последните години, а властите воведоа низа мерки поради екстремно високите температури кои на некои места би можеле да достигнат и до 41 степен Целзиусов.
Поради опасноста од горештините, во 35 француски региони е прогласен највисок степен на предупредување. Во рамки на традиционалниот музички фестивал „Фет де ла Музик“, кој секоја година привлекува милиони посетители, е забранета продажбата и консумирањето алкохол на јавни настани во областите под црвен аларм.
Француската влада соопшти дека мерката е донесена за да се намали притисокот врз болниците и службите за итна помош, кои веќе работат под зголемен товар поради високите температури.
Според метеоролозите, во недела во повеќе делови од земјата се очекуваат температури меѓу 39 и 40 степени, а локално и до 41 степен. Властите предупредуваат дека врвот на топлотниот бран допрва доаѓа и можно е да бидат урнати историски температурни рекорди.
Горештините веќе предизвикаа сериозни нарушувања во секојдневниот живот. Откажани се десетици железнички линии, а наставата во дел од училиштата е прекината. Во Париз, парковите и градините остануваат отворени и во текот на ноќта за граѓаните полесно да се справат со високите температури.








