ПРВ.мк
Свет

Букурешт со остра порака до Москва: Трет дрон соборен над романскиот воздушен простор

Букурешт со остра порака до Москва: Трет дрон соборен над романскиот воздушен простор

Тензиите во регионот на Црното Море дополнително се зголемија откако романските воздухопловни сили соборија уште еден дрон што навлегол во воздушниот простор на земјата. Станува збор за трет ваков инцидент во последните три дена, по што романските власти најавија дипломатски протест до Москва.

Министерството за национална одбрана на Романија соопшти дека беспилотното летало било безбедно уништено над романските територијални води, без опасност за населението.

Романскиот претседател Никушор Дан најави дека Букурешт ќе испрати официјална дипломатска нота до Русија поради повтореното нарушување на воздушниот простор.

„Им честитам на романските пилоти и на копнените тимови за нивната професионалност, храброст и ефикасност. Со својата работа тие придонесуваат за заштита на националната територија и безбедноста на граѓаните“, порача Дан.

Според него, истрагата утврдила дека првиот дрон, соборен во петокот во округот Бузеу, бил од типот „Шахед“, модел што, според романските власти, руските сили го користат во нападите врз Украина. За двата дрона соборени во наредните денови истрагата сè уште е во тек.

Претседателот нагласи дека е неприфатливо руските беспилотни летала да продолжат да го нарушуваат воздушниот простор на Романија, кој воедно претставува и воздушен простор на НАТО и Европската Унија.

„Ваквите дејствија се недозволиви и кон нив пристапуваме со најголема сериозност, во координација со нашите сојузници“, истакна Дан.

Романските власти најавија дека ќе продолжат внимателно да ја следат безбедносната состојба во регионот и ќе преземат соодветни мерки за заштита на својот воздушен простор.