Црногорските безбедносни служби, во координација со шпанската полиција, проверуваат дали лицето М.М. од Подгорица е мажот кој денеска беше убиен во Барселона. Информацијата за „Вијести“ ја потврдија повеќе извори од безбедносниот сектор, посочувајќи дека станува збор за лице кое се доведува во врска со криминалниот Шкаљарски клан.
Според податоците што ги објавија локалните медиуми во Шпанија, каталонската полиција Mossos d’Esquadra спроведува интензивна истрага за пукањето што се случило попладнево во местото Кастелдефелс, во близина на Барселона. Во инцидентот еден маж бил смртно застрелан на јавна површина.
Порталот „Ел Касо“ објави дека нападот се случил околу 16:00 часот, кога жртвата била погодена со три истрели додека се наоѓала на средина од улицата „Д-р Флеминг“, во близина на контејнери за отпад. Нападот се одиграл среде бел ден, што дополнително ја вознемири локалната јавност.
Според истите извори, мажот се здобил со тешки повреди и починал на самото место, и покрај брзата реакција на службите. Напаѓачот, пак, успеал да избега, а полицијата интензивно трага по него.
Шпанските медиуми наведуваат дека жртвата е маж од Источна Европа, но неговиот идентитет сè уште официјално не е потврден. Надлежните служби работат на утврдување на точниот идентитет, како и на можната поврзаност меѓу убиениот и сторителот, што ќе биде клучно за понатамошниот тек на истрагата.
Случајот повторно го отвори прашањето за присуството и пресметките на балканските криминални групи на територија на Западна Европа, а се очекува во наредните денови да следуваат повеќе официјални информации од надлежните институции.















