Учениците во Македонија ќе следат настава до крајот на месецов, по што ќе заминат на редовниот зимски распуст. Министерството за образование и наука (МОН) соопштува дека нема да има предвремено завршување на првото полугодие поради загадувањето на воздухот.
Министерката Весна Јаневска денеска изјави дека во овој момент нема индиции дека здравјето на учениците е загрозено и дека кратки отсуства од наставата поради здравствени причини не претставуваат проблем. Таа додаде дека треба да се избегне негативната пракса од минатото, кога учебните денови се скратувале без оправдана причина.
„Жал ми е што морам да направам груба споредба, но во некои европски земји децата одат на настава и кога имаат грип, се додека здравјето им не е загрозено. Не станува збор дека нашите деца се пренатрупани со учење. Доколку здравјето е во прашање, лекарите и родителите ќе одлучат, но во случај на кратки отсуства тоа не е проблем. Проблем би било ако се скратуваат учебните денови поради одмори или подготовка за писмени задачи“, рече Јаневска.
Министерката нагласи дека секогаш ќе се донесуваат одлуки во корист на здравјето на децата, а во овој момент нема информации кои би наложиле предвремен зимски распуст.














