Во гимназијата „Судува“ во Маријамполе, на југозапад од Литванија, малолетник утрово со нож повредил две ученички. Учениците биле евакуирани на блискиот стадион, а на местото на настанот се наоѓаат бројни полициски сили, началничката на Одделението за реагирање на полицијата во округот Маријамполе, како и медицински екипи, јавуваат литванските медиуми.
Пријавата за малолетник кој се движел низ училиштето со нож била примена во 7:50 часот, а итните служби за тоа ги известиле вработените во гимназијата, пренесува порталот „Делфи“.
Според полицијата, повредените девојчиња, родени 2010 и 2007 година, се пренесени во приемното одделение на болницата.
Малолетникот, роден 2009 година, е приведен.
Директорката на гимназијата, Аудроне Ваиќиулиене, изјави околу 9 часот дека ситуацијата е стабилизирана.
– Дел од учениците ги презедоа родителите, дел се во сала за да не се смрзнат, бидејќи претходно беа евакуирани на стадионот. Сега соработуваме со полицијата и даваме изјави за тоа што видовме – рече таа.
Според сведоци, напаѓачот носел црна маска.
Директорката навела дека станува збор за тивок и повлечен ученик кој боледувал од депресија и користел терапија, и дека досега немало знаци дека може да претставува опасност за другите.
Повредените девојчиња биле свесни, но многу исплашени.
– Трепереа и беа во шок, едната повеќе од другата – изјави директорката.
Наставата во гимназијата е прекината.
Градоначалникот на Маријамполе, Повилас Исода, изјави дека ситуацијата брзо е ставена под контрола, дека повредените не се во животна опасност и дека сите служби реагирале навремено.
Според првичните информации од службите за заштита на правата на детето, жртвите случајно се нашле на местото на инцидентот.
Надлежните понудиле психолошка помош за учениците и нивните семејства.









