Во Кавадарци се одржа работна средба во рамки на студиската посета на млади учесници вклучени во проектот „SPARK“, иницијатива насочена кон зајакнување на младинската партиципација и унапредување на младинската работа на локално ниво.

Посетата беше организирана со цел младите директно да се запознаат со начинот на кој општината работи на креирање политики и мерки што се однесуваат на нивната возраст и потреби, но и да разменат искуства со локалните институции.
На средбата, службеникот за млади во општината презентираше низа активности и иницијативи кои се спроведуваат со цел да се зајакне улогата на младите во заедницата. Посебен акцент беше ставен на поддршката на младинските центри и создавање услови младите да бидат поактивно вклучени во донесувањето одлуки на локално ниво.
Според презентираните информации, општината континуирано работи на отворање нови можности за младите, со цел тие да не бидат само набљудувачи, туку активни учесници во развојот на локалната заедница.
Средбата помина во конструктивна атмосфера, при што беа отворени повеќе важни теми поврзани со младинската политика, образованието и можностите за ангажман. Учесниците споделија свои искуства и предизвици, но и идеи за подобрување на постоечките практики.
Проектот „SPARK“ има за цел да поттикне поголема соработка меѓу младите и институциите, како и да придонесе кон создавање поактивна, поинформирана и поинклузивна младина во локалните заедници.






