ПРВ.мк
Македонија

СТОЈАНЧЕ ЈОВАНОВСКИ: „Сè би дал да можам да ги вратам моето дете и мојата сопруга“

СТОЈАНЧЕ ЈОВАНОВСКИ: „Сè би дал да можам да ги вратам моето дете и мојата сопруга“

Стојанче Јовановски, обвинет за наведување на самоубиство на неговата сопруга Ивана, чиј живот трагично заврши со пад од балкон во скопската населба Тафталиџе заедно со нивната шестгодишна ќерка Катја, во завршните зборови пред судот изјави дека сведочењата треба да се земат со претпазливост, бидејќи, како што рече, се пристрасни, контрадикторни и тенденциозни.

Тој пред судот нагласи дека неговата сопруга не била во подредена положба, имала финансиска и станбена сигурност и дека не постоеле закани или притисоци од негова страна.

– Не сум ја поттикнувал ниту охрабрувал, ниту сум можел да предвидам ваква трагедија. Сè би дал да можам да ги вратам моето дете и мојата сопруга – рече Јовановски низ солзи.

Тој се повика и на медицински вештачења, според кои дел од повредите кај неговата сопруга биле постари, додека една повреда ја поврза со друго лице кое, според него, било вклучено во настаните.

Одбраната истакна дека обвинението за наведување на самоубиство не може да опстои, бидејќи, како што тврдат, не се исполнети законските елементи за постоење на тоа кривично дело, особено во делот на зависност и подредена положба.

Адвокатите на Јовановски додадоа дека сведоците давале нејасни и посредни изјави, без директно сведочење на настанот, како и дека доказите не ја утврдуваат јасно причинско-последичната врска.

Одбраната побара судот да донесе одлука исклучиво врз основа на доказите, а не под влијание на јавноста и медиумите.

Обвинителството, од друга страна, го товари Јовановски за сериозни пропусти и одговорност поврзана со трагичниот исход на случајот.

Судот ќе ја донесе одлуката по завршување на постапката.