Драматични сцени се случиле на меѓународниот аеродром Сиетл–Такома во САД, каде што маскирани агенти на американската Служба за имиграција и царина (ICE) привеле две лица за време на качување во авион.
На видеоснимките што се проширија на социјалните мрежи се гледа како агентите совладуваат лице на подот, додека вознемирени патници го набљудуваат инцидентот.
Во позадина се слуша жена која вика дека нејзината ќерка е приведувана и дека има работна дозвола.
Инцидентот се случил во саботата, 21 ноември, при качување на летот 1306 на „Alaska Airlines“, кој требало да полета за Лос Анџелес во 8:10 часот. Поради интервенцијата, авионот полетал со задоцнување.
Според соопштението на ICE, операцијата била насочена кон Рикардо Ларондо Мендоса, мексикански државјанин за кого службата тврди дека останал во САД по истекувањето на визата.
Агентите привеле и жена по име Софија Ернандес Мехија, за која ICE тврди дека фрлила врело кафе кон службениците. Според агенцијата, и таа ја пречекорила дозволената должина на престојот и би можела да се соочи со обвинение за напад врз федерален службеник.
Од авиокомпанијата „Alaska Airlines“ соопштиле дека не добиле претходно известување за акцијата и дека ќе проверат дали биле почитувани соодветните процедури.
Гувернерот на сојузната држава Вашингтон, Боб Фергусон, остро ја осудил интервенцијата, оценувајќи ги тактиките на ICE како „длабоко неамерикански“ и повикувајќи на укинување на службата.
Случајот предизвикал реакции и кај синдикалните претставници, кои изразиле загриженост поради начинот на спроведување на акцијата на прометниот аеродром, непосредно пред празникот Денот на благодарноста.
Видео:









