Косово направи значаен чекор кон развој на сопствена индустрија за дронови, со отворањето на производствената линија на компанијата „Академија на фјучер мајндс“ во градот Гњилане. На настанот присуствуваше вршителот на должноста премиер Албин Курти, кој ја истакна важноста на овој проект за иднината на одбранбената индустрија во земјата.
На новата линија се склопуваат првите косовски борбени „камиказе“ дронови тип К1, како и цивилните модели „Скифтер“ („Јастреб“) за истражување и цивилна употреба.
Според објавата на Курти, дронот К1 може да достигне максимална брзина од 180 км/ч и да дејствува на висина до 2.500 метри. Цивилниот модел „Јастреб“ има висински капацитет до 5.000 метри, оперативен радиус од 20 километри и брзина до 270 км/ч.
Премиерот Курти нагласи дека ова претставува значаен напредок за Косово, кое досега инвестирало во купување дронови од пријателски земји и партнери, како Bayraktar TB-2, Пума и Skydagger камиказе дронови, а сега првпат започнува сопствено производство.
„Нашата држава се претвора во производител на борбени беспилотни летала. Како влада, ќе го поддржиме развојот на капацитетите и производството, без прекин на инвестициите за безбедносна заштита“, истакна Курти, додавајќи дека поддршката ќе биде на ниво на централната и локалната власт.
Со ова, Косово ја зацврстува својата позиција во регионот како држава способна да произведува и развива сопствени беспилотни летала за одбранбени и цивилни цели.
















